Риби
Рибите се водни ‘рбетни животни со перки и внатрешни жабри. Постојат три живи класи на риби: примитивните безвилични риби, или Agnatha; ‘рскавичните (ајкуловидни) риби, или Chondrichthyes; и коскените риби или Osteichthyes. Овие групи, иако имаат различни анатомски карактеристики, поседуваат низа заеднички особини поврзани со нивното заедничко еволутивно потекло или со нивниот подводен начин на живот. Рибите биле најраните 'рбетници и веројатно еволуирале од група на водни нижи хордати; копнените 'рбетници еволуирале од рибите.Постојат околу 20 000 видови на риби. Тие се разликуваат во големина, и тоа од 7,9 mm долгиот педоциприс (Paedocypris) кој живее во тропските мочуришта на Суматра, па сѐ до 14 m долгата китовска ајкула. Повеќето се светло обоени и многу имаат форми приспособени за камуфлажа. Можат да се најдат во сите морски, слатководни и соленкасти води низ светот, на било која длабочина. Членовите на различните видови на риби толерираат температури на водата од замрзнување до преку 38 °C. Повеќето се или соленоводни или слатководни жители, но некои се физиолошки адаптирани за движење од една во друга водна средина. Поголем број од рибите родени во слатките води го минуваат животот како возрасни единки во океанот, враќајќи се во слатките води за да се мрестат; обратната миграција се случува кај некои риби од океанот. Многу риби остануваат во тесно организирани групи, а други се сами и се здружуваат само за време на мрестење и хранење. Рибите може да се месојади, тревојади или сештојади. Некои риби се чистачи на езерските или океанските дна. Рибите се главен извор за човечка храна, рибино масло, храна за домашните животни итн.
Постојат членови на копнените вертебратни класи, како китовите и морските змии, кои се имаат адаптирано на водниот начин на живот, но не се риби. Тие дишат воздух, а не растворен кислород и нивните анатомски карактеристики ја разоткриваат врската со копнените животни.
Bravo
ReplyDelete😚😚❤️❤️
ReplyDelete